СТИПЕНДИЈА СПОРТСКА НАДЕЖ

Водејќи грижа за развојот и популаризацијата на спортот, Владата на Република Македонија настојува да се приближи до современите светски теркови за унапредување на спортот во државата.

Спортот како потреба на секоја земја има доминантно место во интересите на земјите и има големо влијание во секојдневието на младите особено кон правилно насочување и развивање на младите, психофизичкиот развој, нивната заштита од болести на зависности, проституција, криминалот и други социо-патолошки појави.

Грижејќи се за нивниот статус во општествениот и спортскиот живот, како темел за идно развивање на спортот, Владата на Република Македонија преку Агенцијата за млади и спорт се погрижи да го регулира нивниот статус преку воведување паричен надоместок во текот на 10 месеци во годината во вредност од 20% од просечната плата исплатена во претходната година (4200 денари). Стимулот на младите од овој тип, ќе значи многу за талентираните спортисти да опстанат во битката за градење на професионалниот лик и создавање идни репрезентативци кои ќе ги бранат боите на државата.

Со изменувањето и дополнувањето на Законот за спортот (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.29/02, 66/04 и 81/08), во Глава 5-Учесници во спортските активности, се додадоа нови 2 члена, член 37-а и 37-б, според кои е уредено стекнувањето со спортската категорија – спортист спортска надеж. Агенцијата за млади и спорт, оваа спортска категорија ја доделува на спортисти кои остваруваат резултати на официјални државни и меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години, во олимписки и параолимписки спортови, државјани на Република Македонија. Условите за стекнување на овој вид на спортска категорија, како и доделувањето, е уредено со посебен подзаконски акт. Врз основа на член 37-а и 37-б, од Законот за спортот (,,Службен весник на Република Македонија” бр. 29/02, 66/04 и 81/08), Владата на Република Македонија, на седница одржана на 29.09.2008 година, донесува Уредба за условите, критериумите и начинот на доделување на категорија спортист-спортска надеж (,,Службен весник на Република Македонија,, бр.127/2008 од 9 октомври 2008 година). Според член 6 од оваа Уредба, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, го утврдува годишниот број на спортисти на кои може да им ја додели категоријата спортист-спортска надеж, но бројот не смее да биде повеќе од 500 стипендии годишно.